ХУМАНИСТ НА ГОДИНАТА

Е-пошта Печати

Врсничка едукација за превенција од туберкулоза

  На полето  на здравствено-превентовната  дејност на 24, 25, 29 и 30 јануари младите едукатори при Општинската организација на Црвен крст  одржаа работилници за превенција од туберкулоза  со ученици од седмо и осмо одделение од основните училишат: „Благој Кирков“, „Јордан Х.К.Џинот,“ „СВ.Кирил и Методиј“ и „Блаже Конески“ во Велес.
   Со едукацијата беа опфатени повеќе од 100 ученици кои, преку проследената презентација и анкетните прашалници на кои одговараа на почетокот и на крајот од работилницата, се стекнаа со основи познавања за природата на болеста, лекувањето и превентивната здравствена заштита.
   Со овие работилници, што ги изведуваат млади едукатори од Велешкиот Црвен крст, а ги организира Црвениот крст на Република Македонија со финансиска поддршка од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, во текот на февруари и март ќе бидат опфатени и другите училишта на подрачјето на дејствување на Општинксата организација на Црвен крст Велес.

 

 

 



 

 Бидете хумани донирајте – променете го животот на другите

       Во рамките на проектот ЦКА ПХВ, тимот на проектот „ Бидете хумани донирајте – променете го животот на другите“ организираше хуманитарен концерт, со цел да се помогне на едно мало дете од селото Мелница да го подобри видот.

На концертот својата хуманост и подготвеност да помогнат ја покажаа повеќе наши естрадни уметници како: Шпат Касапи, група Соната, Ендрит Дураку, Петре Штерјов, Њомзи Хусеини, Ана Стојчевска, Шкупи Фемили, Маја Војдиновска, Решат Амети и многу други.

За концертот се бараше карта повеќе, во преполнетата сала беа присутни над 300 млади луѓе. Уште еднаш се покажа дека малите дела прераснуваат во големи, затоа што се организирани со љубов и верба во човекот. Од концертот се собрани 8.363,00 денари, средства што веднаш беа предадени на семејството.

 

 


 

ХУМАНИСТ НА ГОДИНАТА   

Вообичаена пракика е на крајот од секоја календарска година да се сумираат резултатите и да се доделуваат соодветни признанија и награди на најуспешните, најзаслужните.... По повод новогодишните празници Градоначалникот на Општина Велес Г-дин Горан Петров и оваа година додели признанија и награди на најдобриот полицаец, пожарникар, државен службеник, хуманист и сл. 

   По предлог на Општинската организација на Црвен крст признанието најголем хуманист за 2012 година му припадна на д-р Горан Чолаков крводарител со 101 дарување крв. 

 


 

 

ДА СПОДЕЛИМЕ РАДОСТ

   По повод Новогодишните празници со донација од ЕВН Македонија за Општинската организација на Цвениот крст Велес беа обезбедени 70 новогодишни пакетчиња што  се подарија на деца од социјално загрозени семејства одредени од пет училишта од градот и две училишта од селата Горно Оризари и Иванковци. Со помош на волонтерите од Клубот на млади на 28.12.2012 година во Ликовниот салон се одржа Новогодишната забава на која настапија членовите на балетското студио „Анабела“ и ученици од Основното музичко училиште „Стефан Гајдов“.  Покрај присуството на најмладите, со своето присуство Новогодишната забава ја збогатија и Претседателот на општинскиот и Црвениот крст на Република Македонија д-р Милчо Трајков и претставници на ЕВН Македонија КЕЦ Велес. Со желба за многу поубава и повесела Нова Година присутните ги поздрави Потпретседателот на Собранието на Општинската организација на Црвениот крст Велес г-ѓа Марија Настова. Целта на акцијата, да подариме насмевка и радост на овие дечиња беше исполнета. И тие почуствуваа и споделија среќни моменти за Новогодишните празници.


 

Недела на солидарност во ООЦК Велес

   Традиционалната “Неделата на солидарноста” и оваа година се спроведе на подрачјето на делување на Општинската организација на Црвениот крст Велес. Вкупно се собрани 150 килограми облека и постелнина, 30 пара обувки, играчки и др, кои граѓаните ги доставуваа континуирано во Црвениот крст.
   Во текот на Неделата организирани беа повеќе  штандови за промоција и дистрибуција на информативно – пропаганден материјал за “Неделата на солидарноста”.  Дистрибуцијата, штандовите и плакатирањето со постери го извршија младите од Клубот на млади. 
   Акцијата “Од куќа до куќа” се организира за обезбедување на помош во парични средства на семејства соочени со одреден социјален ризик. За потребите на акцијата беа формирани 45 волонтерски групи (или во акцијата учествуваа над 100 волонтери во поголемиот број од основните организации на Црвениот крст во основните училишта) кои добија 700 плика со информативни материјали. До сега се собрани 14.513,00денари, посетени се 600 домови, а семејства кои донирале се 524.
   До сите медиуми беа доставени соопштенија и апели со цел да се информира јавноста и популаризира Неделата.

 

 


 

Донација од Алфа Банка 

   И оваа година продолжи соработката на Општинската Организација на Црвениот крст Велес и Алфа Банка. На 27-ми мај беа организирани заеднички активности, со цел да се имплементираат хуманитарни иницијативи, кои се во склоп на планот на општествена одговорност на компанијата за реализирање на социјалните програми за задоволување на реализирањето на потребите на ранливите целни групи.
   По повод денот на волонтерството на Алфа Банка  на дваесет социјално загрозени семејства им беа доделени пакети храна од просториите на Црвениот крст. За старите лица кои не беа во можност да ги подигнат пакетите со прехранбени продукти беше организирана посета и достава на истите во домовите, каде активно се вклучија и вработените од Алфа банка, стручната служба како и младинци од Клубот на млади при Општинската организација на Црвениот крст Велес.

 

 


 

Екскурзија во Охрид – проект Подобрување на социјализација на деца и млади со посебни потреби

   Според предвидените активности со проектот „Подобрување на социјализација на деца и млади со посебни потреби“ од ООЦК Велес беше предвидена еднодневна екскурзија до Охрид, со посета на историските споменици. Согласно планот за акција екскурзијата се одржа на 9-ти мај. Терминот се совпадна и со одбележувањето на десет годишнината од отворањето на Дневниот центар, што придонесе настанот да добие во значење и свеченост. Во еднодневната прошетка учествуваа вкупно 45 лица од кои: членови на Клубот на млади на Црвениот крст, деца и родители од згрижувачките семејства и деца од Дневниот центар со одговорни лица. Цел на оваа еднодневна екскурзија беше да децата го видат Охрид и охридското езеро, да посетат дел од културно – историските споменици и да го исполнат денот во дружење и забава.
   Посетата започна со познатиот локалитет Биљанини извори потоа, прошетка по кејот и спомениците во непосредната близина. За оние похрабрите беше организирано и возење со кајче по езерото. Дружењето и забавата беше видлива кај сите учесници на екскурзијата, а секако бенефит се и новите сознанија од нашата историја со кои Охрид изобилува.


 



 

САМОТИЈАТА НАЈТЕШКА БОЛЕСТ

Општинската организација на Црвениот крст од Велес реализира акција за грижа на стари и изнемоштени лица од посебен карактер, единствена во нашава земја. Акција, која ги опфаќа помалите “заборавени” села во општина Велес и во новоформираните општини Градско, Чашка, Извор и Богомила. Повеќето од овие населби денеска како да се едноставно заборавени и тоа не само од нивните поранешни жители, туку и од единиците на локалната самоуправа, установите и организациите. Во нив, во селата се “стапнува” само кога ќе наближат изборните активности. Тогаш ќе се дадат ветувања што веднаш потоа се забораваат, до следните избори. А, тие малку гласови од овие заборавени села секогаш имаат иста конотација. Да се изгради пат, да заживеат селата, да доаѓа доктор, да се има продавница. Не се многу и не е потребна поголема ангажираност. Во последниве години луѓето не сакаат и толку. Едноставно тие бараат само малку внимание.
Во неколку десетици села останаа да живеат само старците. Семејствата ги има главно во два вида. Тие се составени од еден, а во најдобар случај од два члена. Староста и самотијата се најтешките болести за овие жители. Посебно самотијата. Да се нема со кого да се проговори, да се отвори срцето, да се сослуша. Но најчесто треба да минат недели и месеци, да се случи некој настан, најчесто заминување, збогување со сожител, а многу поретко доаѓање на близок и гостин. Затоа пак, приказните по стотици пати повторувани се кажуваат некако во еден здив. Како било некогаш кога имало луѓе, колку што камења имало по сокакот селски, како осумте деца на Верка Здравкова, што живеат во Велес, претставуваат сега цело село, само уште да се тука.
  

   Монотонијата и самотијата се вгнездиле во нивните срца. Иако ништо не очекуваат, тие живеат на штрек, дека ќе се случи нешто, ќе дојде некој кај нив.

И навистина, во изминативе 15-тина месеци за нив неочекувано во нивното село се слушна звук, брмчење на моторно возило. И како по некое непишано правило речиси сите излегуваат на сред село. Се собираат околу возилото на Општинската организација на Црвениот крст не верувајќи дека токму за нив се пристигнати луѓето од оваа организација. Кога ќе слушнат дека посетата е дел од акцијата што се води под мотото “Не сте заборавени” во нивните очи заискрува капка радосница. Капка солза низ старечкото избрчкано лице тешко се пробива. Но, таа е излезена преку срцето, од душата и говори многу повеќе од било кои изречени зборови.

   Кога пак на овие заборавени старци ќе им се поделат подароци и друга хуманитарна помош во вид на облека, постелнина и хигиенски пакети, тогаш најчесто се слушаат “барем некој се сетил за нас”. На разделбата е неодминлива поканата: “Дојдете пак. Ве чекаме од се срце”.
   Меѓутоа, основна тешкотија за реализирање на планирањата претставува недостигот од хуманитарна помош и лошите патишта, посебно во зимски услови. Доколку навремено се обезбеди помош преку донатори и евентуално поадекватно возило, ќе се овозможи поконтинуирано изведување на акцијата. Притоа за кратко ќе се прекине една долга самотија, а остварената средба ќе биде едно ново надополнување на кажувањата на приказните за селата, за хуманитарната акција на Општинската организација на Црвениот крст и дека сеуште има некој што ги посетува и мисли за нив.

 

 

 



 

 

                                                               КРВОДАРИТЕЛСКА ТРАДИЦИЈА

Летен ден. Убав и сончев. Сонцето го надвишува ридот Свети Илија над Велес. Ја најавува претстојната омарнина во пробудениот град. Свежината веќе не се чувствува во хотелот “Вила Зора” Тука врие како во кошница. Повеќе велешки крводарители веќе формирале редица чекајќи екипата од Републичкиот завод за трансфузиологија да ја почне својата рутинска работа, да отпочне традиционалната летна солидарна акција за доброволно дарување крв. Најпрвин се вршат прегледи што значат проверка на здравјето. Акцијата почнува. Прв од велешките дарители легнува новинарот на Радио телевизија Скопје Кире Василевски. И тој, како и многумина дарители си создава своја традиција. Веќе неколку години по ред токму на овие традиционални летни акции прв ја дарува својата драгоцена течност. Веќе се приближува кон својот личен крводарителски рекорд. Во наредната година ќе го одбележи своето педесетто дарување.  Меѓу дарителите среќаваме познати лица, но и такви што прв пат даруваат. Тука е Стојна Таневска, вработена во фабриката за масло “Благој Ѓорев. Уште како средношколка има дарувано крв. Не пропушта ниту една хумана акција, посебно во рамките на фабричките активности. И така редум се до своето 55-то дарување. Воодушевена е од бројноста и хуманоста на вработените во колективот. Токму тоа влијаело на нејзиното ангажирање во Друштвото на Црвениот крст во Маслодајна, чиј што секретар е денес.Часовите минуваат, а редицата крводарители не се намалува. Ги има од сите структури во општеството. Млади, возрасни, не-вработени, работници, службеници, ученици. Сите ги поврзува една заедничка одлика-хуманоста. Кон нив се присоединуваат уште шестмина кои за прв пат даруваа крв. По извршената хумана задача за дарителите е организирана лотарија според можностите на стопанството. 

  
   Изминува попладнето. Во крводарителскиот ред забележуваме млад човек со голема торба. Всушност, торбата го открива идентитетот на овој дарител. Поштар е. Во разговорот дознаваме дека се вика Неџмедин Халидини. Има 35 години, додека дарител е речиси 15 години. Работи во Македонски пошти како пошторазнесувач. По завршената работа дојден е  да ја заврши својата хумана обврска. Облечен е во вообичаената работна униформа.
   Со својата “А” крвна група пред околу пет години стекнал блиско пријателство со Тоше Митушев кога му помогнал токму кога му требало. Досега дарувал 20 пати крв и ќе дава додека може, додека е здрав. Овој исламизиран Македонец од Гора на прашањето какво е неговото мислење за дарителите ни одговори кратко: Тие се хумани и меѓу нив чурук луѓе нема. Сонцето го заоди патот кон другиот-спротивниот рид на Велес. Кон Вршник, кон запад. Велешките крводарители тој ден испишаа уште еден свој пат на големата хуманост. Овој пат беше одбележан со 209 крвни единици што претворени во живот претставуваат најскапи драгоцености.
  

 

ЖЕЛБАТА НА РУДНИЧАНИ
Сивилото на ноемвриското утро го разбиваше пробивањето на џипот по земјениот пат кон селото Рудник. Патот е приказна за себе. Го издлабиле и трасирале возилата што можат да минуваат само во сушните периоди во годината. Кога ќе паднат дождовите селото е отсечено од светот.
Пристигнуваме средсело. Луѓе неможат да се видат. Кон северниот дел на десната страна од улицата, ако може така да се нарече, куќа на спрат со широк двор и засадено цвеќе. Во тмурното претпладне тоа укажува дека тука постои живот, но и љубов за неговото одгледување. Впрочем цвеќето во дворот и горе на чардакот го прави и поубав домот. Излегува седумдесетгодишна старица забрадена во шамија. Од разговорот дознаваме дека сама живее. Нејзините четири синови работат во Швајцарија, а ќерката, што живее во Велес, доаѓа повремено, да ја наѕре. Денот го минува во самотија бидејќи во блиските куќи животот згаснал. Речиси постојано ги разгледува фотографиите, си зборува со нив, гледајќи ги синовите и нивните семејства. - Ако имавме пат вели Роксанда, така се вика, немаше да се иселат рудничани. Порано луѓе и добиток имаше колку што имаше камења во калдрмава на уличкава.
Во меѓувреме во центарот на селото се собраа десеттина жители, односно третина од селото. Сончевите зраци се појавија од ридот Сребреник, им ги осветли лицата, а во срцата им допреа топлите зборови на Миле Маџаров, секретар на ООЦК и на Славица Филиповска, претседател на комисијата за социјално - хуманитарна дејност. Тие говореа за спроведувањето на хуманитарната акција на велешката организација што се одвива под мотото “Не сте заборавени”. Кога им беа поделени пригодни подароци повеќето нагласија дека дури добиле чувство оти не се тотално заборавени од заедницата, па и од своите најблиски.
До Рудник, до нивното село буквално никој не доаѓа. Во селото нема продавница, училиштето нема деца, закатинарено е. Лекар не се памети кога последен пат дошол. Нема прослави како порано бидејќи нема луѓе. Црквата Свети Никола се отвора на Велигден и за уште некој празник, а почесто кога треба да се опростат од некој свој соселанец. Се пешачи до мотелот на езерото за да се побара брза помош, а за прехрамбени производи се оди дури до Велес.
Во Рудник семејствата го сочинуваат едно или две лица, а ако не е Летка ќе неме и деца. Таа има дури седум, ама ниту таа и сопругот не работат. На едното од поголемите деца дури му е потребна и постојана лекарска помош. На крајот на селото живее најстариот жител Ѓорѓи Димов (90) со својата ќерка Трајанка. Тој ниту гледа, ниту се движи. За да обезбедат дрва, или поточно подебели прачки за зимата, ќерката ќе го качи на магарето и така одат во шумата. Потоа најпрвин со товарот, а потоа со татко си се враќа во малата приземна куќичка со две собички.
Луѓето од Рудник, триесетмината жители на селото, имаат многу желби. Меѓутоа, за една сметаат дека е остварлива. Нив им недостига дружење, бидејќи самотијата е болест што тешко се опишува. Затоа апелираат една просторија или канцеларија од училиштето да им се преотстапи на користење. Во неа ќе се собираат, ќе ја разбиваат самотијата, а спомените ќе бидаат разубавени.
ЖЕЛБАТА НА РУДНИЧАНИ

Сивилото на ноемвриското утро го разбиваше пробивањето на џипот по земјениот пат кон селото Рудник. Патот е приказна за себе. Го издлабиле и трасирале возилата што можат да минуваат само во сушните периоди во годината. Кога ќе паднат дождовите селото е отсечено од светот. Пристигнуваме средсело. Луѓе неможат да се видат. Кон северниот дел на десната страна од улицата, ако може така да се нарече, куќа на спрат со широк двор и засадено цвеќе. Во тмурното претпладне тоа укажува дека тука постои живот, но и љубов за неговото одгледување.
Впрочем цвеќето во дворот и горе на чардакот го прави и поубав домот. Излегува седумдесетгодишна старица забрадена во шамија. Од разговорот дознаваме дека сама живее. Нејзините четири синови работат во Швајцарија, а ќерката, што живее во Велес, доаѓа повремено, да ја наѕре. Денот го минува во самотија бидејќи во блиските куќи животот згаснал. Речиси постојано ги разгледува фотографиите, си зборува со нив, гледајќи ги синовите и нивните семејства. - Ако имавме пат вели Роксанда, така се вика, немаше да се иселат рудничани. Порано луѓе и добиток имаше колку што имаше камења во калдрмава на уличкава. Во меѓувреме во центарот на селото се собраа десеттина жители, односно третина од селото. Сончевите зраци се појавија од ридот Сребреник, им ги осветли лицата, а во срцата им допреа топлите зборови на Миле Маџаров, секретар на ООЦК и на Славица Филиповска, претседател на комисијата за социјално - хуманитарна дејност. Тие говореа за спроведувањето на хуманитарната акција на велешката организација што се одвива под мотото “Не сте заборавени”. Кога им беа поделени пригодни подароци повеќето нагласија дека дури добиле чувство оти не се тотално заборавени од заедницата, па и од своите најблиски. До Рудник, до нивното село буквално никој не доаѓа. Во селото нема продавница, училиштето нема деца, закатинарено е. Лекар не се памети кога последен пат дошол. Нема прослави како порано бидејќи нема луѓе. Црквата Свети Никола се отвора на Велигден и за уште некој празник, а почесто кога треба да се опростат од некој свој соселанец. Се пешачи до мотелот на езерото за да се побара брза помош, а за прехрамбени производи се оди дури до Велес. Во Рудник семејствата го сочинуваат едно или две лица, а ако не е Летка ќе неме и деца. Таа има дури седум, ама ниту таа и сопругот не работат. На едното од поголемите деца дури му е потребна и постојана лекарска помош. На крајот на селото живее најстариот жител Ѓорѓи Димов (90) со својата ќерка Трајанка. Тој ниту гледа, ниту се движи. За да обезбедат дрва, или поточно подебели прачки за зимата, ќерката ќе го качи на магарето и така одат во шумата. Потоа најпрвин со товарот, а потоа со татко си се враќа во малата приземна куќичка со две собички. Луѓето од Рудник, триесетмината жители на селото, имаат многу желби. Меѓутоа, за една сметаат дека е остварлива. Нив им недостига дружење, бидејќи самотијата е болест што тешко се опишува. Затоа апелираат една просторија или канцеларија од училиштето да им се преотстапи на користење. Во неа ќе се собираат, ќе ја разбиваат самотијата, а спомените ќе бидаат разубавени.

 

Online Донација

online_donacija
info