
ОБУКА ПО ПРВА ПОМОШ ЗА СВР ВЕЛЕС
Се одржа обука по прва помош за припадниците на СВР Велес, со цел унапредување на нивните знаења и вештини за правилно и навремено реагирање во итни ситуации.
Обуката ја реализираше д-р Владо Хаџи Наумов, кој преку теоретски дел и практични вежби им овозможи на присутните да се запознаат со најважните постапки за укажување прва помош. Полицајците активно учествуваа и практично вежбаа техники за реанимација, запирање на крварење, како и правилно постапување при повреди, губење на свест и други итни состојби со кои можат да се соочат на терен.
Преку оваа обука тие стекнаа дополнителна сигурност и подготвеност за брза и ефикасна реакција, со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните.
Ваквите активности се од исклучително значење за зајакнување на капацитетите на институциите и унапредување на соработката во насока на навремена и квалитетна помош на заедницата.














































