
ПРИКАЗНА ЗА ЕДНА ИДЕЈА НА БРАЈОВО ПИСМО
Во рамки на програмата „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“, денес во просториите на Локална библиотека „Гоце Делчев“ – Велес се одржа промоција на брошурата „Приказна за една идеја“, изработена на Брајово писмо од страна на една од групите младинци вклучени во програмата.
Брошурата ја раскажува приказната за основањето на Црвениот крст, за хуманата идеја од која произлегло движењето, како и за значењето на солидарноста, хуманоста и помошта кон луѓето на кои им е најпотребна. Со нејзината изработка на Брајово писмо, младите овозможија оваа важна приказна да биде достапна и за лицата со оштетен вид, испраќајќи силна порака за еднаквост и инклузија.
На настанот свое обраќање имаа секретарот на Црвен крст Велес, Орце Николов, Тони Пајдаков од Здружението на слепи и дисеминаторот Матеја Матева, кои ја истакнаа важноста од ваквите младински иницијативи и придонесот на младите во градење похумано и подостапно општество за сите.
На промоцијата присуствуваа и претставници од раководството на Црвен крст Велес и Здружението на слепи, кои дадоа поддршка на младите и нивната хумана и креативна иницијатива.
Црвен крст Велес продолжува да ги поттикнува младите преку креативни и хумани активности да бидат двигатели на позитивни промени во заедницата.















































